Отворен повик за професионални дизајнери: Брендирање кампања за подигнување на свеста за органодонорство и трансплантација
Сите професионални дизајнери имаат можност да ги достават своите креативни решенија за брендирање кампања за подигнување на свеста за органодонорство што се реализира во рамки на Проектот за поддршка на системот за трансплантација во РС Македонија. Проектот е финансиран од страна Европската Унија и се реализира во соработка со Министерството за здравство.
Целта е да се подигне јавната свест за органодонорството и трансплантацијата преку креативно изразување.
Tрансплантацијата на органи, освен што спасува животи, ги поставува и темелите на етичките принципи во здравството, но и во општеството во целина. Органодонорството не само што спасува животи на пациентите кои немаат друг избор за лекување, туку и ја испитува нашата хуманост. Семејствата на донорите заслужуваат почит и признание за нивниот алтруизам и надежта која ја даваат за подобра иднина на болните, но и на целото општество преку нивниот пример. Токму ова е иницијалната замисла за започнување кампања за подигнување на свесноста за органодонорство.
Повикот до професионалните дизајнери се однесува на дизајнирање сеопфатен пакет за брендирање преку креирање визуелни решенија (лого, постер, слоган), кои ефикасно ја подигнуваат свеста за критичната важност за донирањето органи и за трансплантацијата.
Целта на креативните решенија е да информираат и едуцираат, при тоа доловувајќи ја суштината на пораката за надеж, живот и единство, како асоцијација на хуманиот чин на органодарување.
Секој дизајнер може да аплицира со еден пакет за брендирање.
Петчлено жири одлучува за доставените решенија.
Најдобрите 10 до 15 избрани решенија ќе бидат дел од изложба организирана на јавен простор. Комисијата го задржува правото да не избере ниту едно од поднесените решенија.
Повеќе детали – на линкот од Повикот за Брендирање кампања за подигнување на свеста за органодонорство и трансплантација
Структура на наградата:
- Најдобар дизајн на лого: Награда од 400 евра за најиновативниот и највлијателниот дизајн на логото.
- Најдобар слоган: Награда од 300 евра за најпривлечниот и најнезаборавниот слоган.
- Најдобро визуелно решение за постер: Награда од 300 евра награда за дизајнерот кој ќе обезбеди најкреативен и визуелно најпривлечен дизајн на постер.
Рокот за доставување на решенија е 4 март 2024 година.
Вашиот придонес ќе биде значаен чекор напред во светот на трансплантацијата, особено во подигањето на свеста за ова прашање.
Доколку имате какви било прашања, слободно пишете на [info@transplantacija.mk].
Придружете се во оваа креативна приказна и со вашата уметност поддржете го органодонорството и трансплантацијата!
Одрекување од одговорност
Ставовите изразени во овој документ се единствена одговорност на “AESA – PLANET SA” конзорциумот и не мора да ги одразуваат ставовите на Европската комисија.