Промени го крајот на нечија приказна

„Од срце за животот“ пристигна во Велес

Во „Јуроп хаус Велес“, посетителите имаат можност да погледнат уметнички дела кои инспирираат надеж и промени, посветени на тема: трансплантација и органодонорство.

Патувачката изложба посветена на трансплантација и органодонорство, „Од срце за животот“, која ги истакнува делата на професионални дизајнери и средношколци, моментално е достапна за посетители во Велес, во просториите на „Јуроп хаус Велес“.

Изложбата содржи дела на шест автори – професионални дизајнери и средношколци: Ана Тасева, Гоце Велески, Воскресија Андреевска, Амра Седиковиќ, Давид Манасијевиќ и Адријана Мирчевска, кои беа наградени за своите креативни решенија на конкурсот на тема трансплантација и органодонорство, како и на авторите кои влегоа во најтесниот избор.

Од вкупно 120 пристигнати дела, внимателно беа избрани 20 кои нудат единствена перспектива на приказната за органодонорството и трансплантацијата.

Овие дела истражуваат теми како надежта, издржливоста и убавината на давањето, и претставуваат извонреден приказ на креативност и сочувство. Изложбата е значаен потфат во поддршката на системот за трансплантација во Република Северна Македонија.

На иницијаланото отворање на изложбата во „Ист Гејт“ во Скопје, покрај авторите, присуствуваа и бројни гости и поддржувачи.

Изложбата, со својата креативност и емоција, успеа да го привлече вниманието на јавноста и да поттикне дискусија за значењето на донирањето органи.

Одрекување од одговорност

Ставовите изразени во овој документ се единствена одговорност на “AESA – PLANET SA” конзорциумот и не мора да ги одразуваат ставовите на Европската комисија.